Импресии

 

“Вежбањето јога ме смирува, ми ја враќа физичката и менталната енергија која што сите добро знаеме дека денешното темпо на живеење ни ја троши многу брзо. Долгорочно гледано, преку редовното практикување на јога јас постигнав повисоко ниво на физичка, ментална и емоционална избалансираност и се чувствувам многу посреќна и поисполнета од претходно.”  (Ирена, 30)

 

 

“Јога започнав по препорака на мојот доктор во замена на физикална терапија. Но се случи и друга терапија. Постојам јас, моето тело, мојот дух. Полн погодок. Време издвоено за себе, полнење батерии, нови познанства, позитивна енергија. Но, станувам и зависник од јога :)…” (Оле, 60)

 “Вежбањето јога и  медитирањето се необична патека, а со оглед на начинот на живот на денешницата се неопходни за себеодржување низ секојдневната трка и борба со времето. По неколку месеци вежбање сфатив дека ја загубив напнатоста, стресот, краткиот здив, болестите… Со секое повлекување на здивот низ градите сè до стомакот сè повеќе се доближував до изворот на целата енергија во светов кој ми овозможи микс од доживувања кои нафрлено ќе се обидам да ги доловам со зборови: дарување љубов на себе, на луѓето околу мене, почитување на себеси, флексибилност низ животот, увид дека мирот доаѓа од простувањето, разбирање за секое живо суштество, максимална резервираност кон негативното, зрела борба за тоа што го сакам, зголемена доза на храброст и прифаќање на падовите…

Најчудно е што преку смиреноста која ја добив настана преместување на хиерархијата на моите вредности во животот, научив што е вредно и вечно, а што е променливо и минливо.

Секој час имам празнење на просторот во моето тело исполнет со емоции кои ме притиснале во денот со што правам место за доаѓање на нови и поубави. Научив да го прифаќам текот на животот занаејќи дека сè е во најдобар ред, дека сè е како што треба да биде без да допуштам умот да надваладее со дискриминацијата дали е потегот правилен или погрешен.

И она блескање на душата, на телото кога си одите од часот по јога – не може да се опише…” (Сузана, 29)

 

 

“На првиот час дојдов сосема збунета, нетрпелива, полна со очекување за физичка активност. Бев во ужасна емоционална состојба, незадоволна со својот телесен изглед, и се соочував со застој на професионално ниво. Стоев. Не можев да мрднам ни чекор напред, ниту пак да погледнам лево или десно.

На вториот час не можев да се соземам од тоа колку ми леташе паметот буквално во работи кои со години не ги бев помислила, и сега одеднаш, сè ми е во главата, баш кога треба да се концентрирам, слушам инструкции, да се смирам.

Третиот час, си реков „Ова не е за мене”. Теретана, аеробик, да скокам, да рипам, нешто ми требаше нешто, да ме удри како камшик за да почувствувам присуство на самата себе, и да дојдам во контакт. Ми фалеше контакт.

Четвртиот час… Си ветив да исполнам ветување, и за прв пат во животот се замолив себе си да го оддржам. Дека ќе бидам мирна, умна  и присутна на часот. Се замолив себе си на фин начин, да бидам присутна. Сега и овде.

Почнувајќи од положбата на почеток, гласот на инструкторката која дава инструкции, светлоста во просторијата, мирисот, температурата, музиката во позадина, отвореноста на дланките нанадвор, сите асани до една, вежбите за дишење, медитациите, па сè до триењето на рацете на крајот на часот, за мене се час и петнаесет минути со затворени очи, во контакт, присутна. Сега и овде. Тоа повеќе не беше поим во моите учебници за психологија, тоа сега е мој начин на живот, што го научив преку јогата. Го запознав своето тело, физички ги разбудив деловите кои не сум била свесна дека постојат. Ги одморив сите коски кои собирале толку негативна енергија. Ги масирав сите области кои беа тензични, полни со стрес и болка. Дознав што е трпение, си дадов себеси време, научив да се слушам самата себе, научив да ги консултирам умот и телото и да работам преку позитивните емоции. Инкорпорирајќи го секој дел од јога начинот и филозофијата на живот, почнав поинаку да дејствувам и во надворешната средина во секојдневниот живот. Се поместив од таа мртва точка, и почнав да се движам. Почнав лакомо да станувам свесна и само да ги впивам убавите нешта кои ми се случуваат, или оние небитните – да им дадам живот и важност, затоа што има причина поради која се околу мене.

Вторниците и четвртоците за мене добија нова смисла која со радост трчам да ја грабам секој пат кога одам кон просторијата на катарзата.

Затоа што јогата е многу повеќе од час, минути, тренинг, вежба, начин на дишење, медитација, простирка. Јогата за мене, е начин на живот.” (Александра, 24)

“Денес сакав да не дојде никогаш крај на часот…

И, се радувам на секој нов, особено на оние што ќе ги имаме во природа… Едвај чекам…

Вежбајте – за да се ослободите од неубави емоции… за да се изнадишете кога немате време од брзање и грижење… за да се изнатегнете и “раштрафите” откако убаво сте се закочиле во машината… за да си поприкажете со нови луѓе, а сепак толку блиски… за да уживате во прекрасната медитација и визуелизација… за да пробате да го уловите моментот “сега” и “во себе” (мене ми успеа тоа денес ;))

И за да, на крајот на краиштата, и како што би рекла нашата инструкторка Каролина – вежбајте!, и телото ќе Ви каже ФАЛА!” (Софи, 37)

 

 

 “Јогата ме одржува во добра психофизичка кондиција.” (Љиљана, 66)

 

 

 “Јогата веројатно е она што ми недостасувало во животот! Тоа беше мојата помисла откако случајно го видов огласот, тргнав на часови, сосем сама, онака најентузијастички… И сега, после осум години дружба, знам дека го направив вистинското. Соочувајќи се со болест на штитната жлезда, ран климактериум, некои не-баш пријатни ситуации во мојот живот, некако барав начин да го надминам сиот тој товар. Се покажа како мој интуитивен, умен избор кој ми го отвори светот на прекрасни мигови со самата себе. Пронајдов сила којашто не знаев ни дека постои во мене, го раздвижив заспаниот духовен и мисловен свет, пронајдов прекрасни позитивни луѓе со кои ги делам тие моменти и секако нашата прекрасна Каролина без чија посветеност и предавање на таа древна мудрост не би можела да ја разберам и да ја засакам јогата толку многу! За мене јогата е еден чудесен начин да си пријдеш сам на себе, да се доживееш, да се откриваш постојано и да уживаш.” (Елизабета, 52)

“Јогата е дишење, без дишење нема живот. Јогата е ослободување, без слобода нема мир. Мир најпрвин со самите себе, а потоа со сè околу нас. Надминување на нашите внатрешни конфликти и ограничената свесност, како предуслов за внатрешно усогласување и соединување со опкружувањето.
Состојба на себеспознавање, баланс на телото, душата и умот.

Реално чувствата не можат да се пренесат на друг, бидејќи се прераскажани, тоа се моменти кои треба лично да се осетат и доживеат за да бидат релевантни.

Јас сакам јога.” (Марија, 45)

 

 

 “Вежбањето јога е како незаборавно патување кое секој би посакал да го доживее.” (Данијела, 29)

 

 

 “Јогата ми донесе смирување и позитивен поглед кон сè што ми се случува во животот. Посреќна сум и поспокојна. Едвај ги чекам часовите по јога, тоа е време што си го посветувам само на мене, за збогатување на мојата духовна енергија и за дружење со позитивни личности. Се чувствувам и физички подобро, ми исчезнаа некои болки, ми се зголеми силата и енергијата. Јогата ме учи како да ги управувам мислите и умот, ми открива тајни за моето тело. Се чувствувам како да комуницирам со секој дел од моето јас и се чувствувам како многу побогата личност. Научив да бидам задоволна со сето она што сум и каква сум. Ми се допаѓа тоа што го препознавам сега во себе и за себе. Тоа сум јас… Soham. Благодарам, Каролина.” (Лидија, 57)

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s