Честопати се наоѓаме во ситуации во кои се трудиме многу, даваме многу, притискаме и очекуваме да биде онака како што сме замислиле – НИЕ. Но, излегува сосема обратно. Изненадени сме, вознемирени, уплашени – не е според нашиот план.
Не попуштаме, не препуштаме, зашто мислиме дека нешто ќе испуштиме, ќе заборавиме, дека нашето однесување ќе биде неодговорно и сл. Но не сме свесни дека не сакаме или не можеме да се ослободиме од нашата потреба да контролираме. А невозможно е да контролираме. Во голема замка сме!
Но, кога ќе смогнеме сили да поверуваме, навистина да веруваме дека постои поголема моќ од нашата маленкост и дека постои поголем ред од оној создаден во нашата глава – најчесто од нашето его, е тогаш можеме и да се опуштиме и да попуштиме и да препуштиме нештата да си се одвиваат според некој свој, сопствен тек – без наше мешање. Е тогаш – чуда се случуваат.
Да се опуштиме и да веруваме и тогаш кога не ни се јасни работите, да си се потргнеме од сопствениот пат и да веруваме дека ќе видиме поубаво и повеќе од она што веќе го знаеме и сме го виделе.
Поздравете ја слободата, олеснетото дишење кога сме во состојба на смирено исчекување. Кога не се мешаме. Единствено чекаме. Потполно сме присутни овде и сега, обземени од секој нареден момент. Понизност.
Дозволете си да бидете водени од секојдневните ситуации – без премногу “мозгање”. Опуштете се , прифатете ги нештата онакви какви што се. Секоја ситуација во себе носи мудрост која чека да биде препознаена од набљудувачот. Препознавајте и учете. Лекциите се повторуваат сè додека не бидат научени. А единствено наученото има огромна моќ на ослободување, воспоставување баланс и бистрина на секој план. Дозволете си да учите.
И не заборавајте – тензијата во телото ја претставува и менталната и емоционалната тензија – тензијата на ставовите, перспективите, перцепциите. Кога ќе ја почувствувате таа тензија потсетете се дека треба да се раздвижите, да се помрднете – така и менталните и емоционалните шеми ќе ги разбиете и ќе ги претворите во празнина спремна да го дочека природниот тек на случувањата.
~ Каролина Јакимовска