Живееме во време кое наметнува перфекционизам. За што поголема ефикасност, за што поголем профит – потребен е перфекционизам. Капитализам и перфекционизам. Први братучеди… Неразделни.
Униформираност, систематичност, менталност, прецизност, организираност, нетрпеливост, опседнатост, парадигматичност… и што ли уште не.
Модерно доба, доба кое бара вклопливост и маскираност.
И нормален е перфекционизмот, единствено индивидуите ја чувствуваат неговата абнормалност. Всушност, сите ја чувствуваат неговата неприродност и вкочанетост, но малкумина ќе вперат прст кон него.
И вистина е, виновен е за многуте стресови, за измешаните емоции, за халуцинациите и дисбалансот во нас и нашата околина.
Желбата, т.е. потребата да се контролира сè, да се живее ваму и таму само не овде, неможноста да се чуе тишината, потребата да се биде најдобар во сè, постојаното трчање и немањето време за себе, имањето време за сите други – (но не и за себе)…
Каде е крајот на сево ова?
Каде е јогата во сево ова?
Како од ведро небо – јога и перфекционизам?
Да, посебно јога и перфекционизам.
Во сета таа перфекционистичка измешаност јога вежбите внесуваат мир и хармонија. Да се живее во моментот и да се дозволи интервенција од моментот врз нашиот перфекционизам е голема работа. Перфекционистите живеат за работите, за роковите, за границите, со минатото и за иднината, но никогаш со сегашноста. А силата, радоста, автентичноста се случуваат СЕГА. Јогата носи во сегашниот момент, со јога се учи концентрација, издржливост за СЕГА, прифаќање на СЕГА.
Јoга вежбите се приспособуваат на сечие тело и на сечиј карактер. Не е потребно да се биде во одлична физичка или психичка состојба за да се вежба јога. Затоа и вежбаме јога – зашто постојано потребно е да балансираме. Јогата е одморање во движење, совршеност во несовршеноста. Единствено се натпреваруваме со самите себе, и со никој друг.
Подобрувањето на концентрацијата ни ја отвора можноста да се зафаќаме со работите со ред, не наеднаш со сè, да бараме приоритети, а не да прегоруваме постојано.
Ги слушаме другите единствено кога ќе можеме да се чуеме и себе. За подобра комуникација се работи – со себе и со другите – само ако можеме да ја чуеме тишината. Вежбите се тишина, неминовна тишина. Сакале или не – ја добивате.
За да се чуеме потребно е да научиме да успориме, да забавиме. Нови хоризонти се отвораат само доколку поинаку го поимиме времето. Јогата го запира времето, расчистува и паузира. Сè со сè е поврзано. Ако работиме само на еден аспект, многу други аспекти се доведуваат во рамнотежа. Толку се магични вежбите.
Кога ќе се свртите кон себеси се вртите и кон другите, суштински. Се грижите за телото, за умот, за емоциите, за да можете да се грижите за другите. Кога Вие сте среќни ја распрснувате среќата и кон другите, спонтано, ненаметливо.
Јогата Ви служи за да можете да им служите на другите…
~ Радувај се! Lifestyle&Coaching