Започнете со нови избори, избори блиски до Вашите срце и душа. Само бидете свесни од момент до момент како се однесувате, врз која основа избирате. Дали Вашите избори се диктирани од Вашата логика, потреба од смисла и рационалност или пак накратко замижувате и ги слушате одговорите, сензациите во Вашето тело, сензациите околу Вашето срце? Веднаш ќе знаете: ако се чувствувате смирени, отворени, релаксирани во телото, со чувство на задоволство и внатрешен мир – на прав пат сте. Доколку телото е во грч, возбудени сте, неспокојни, раздразнети – променете го изборот!
Посегнете по “нештата” што Ве смируваат, Ве балансираат, Ви даваат чувство на исполнетост и комплетност. Не водете се “од надвор” кон “внатре” – започнете да истражувате во себе и да пренесувате кон надвор. Сите одговори лежат во Вас: што Ви се допаѓа, а што не, каде сакате да бидете, што сакате да правите – за сè имате одговор – единствено потребно е акциите да се усогласат со внатрешниот компас.
Одберете ја љубовта кон себе, негата на Себе, разговорот со себе и нештата околу Вас ќе започнат да се формираат според Вас. ВИЕ ЌЕ ПРАВИТЕ РАЗЛИЧНИ ИЗБОРИ – за разлика од претходно кога само се прилагодувавте на околината и воопшто не се прашувавте себе ШТО и КАКО сакавте…
Одберете да престојувате во Радост (секаде кадешто постои радост: врски исполнети со радост, места опиени со радост…), одберете Инспирација (правете сè што е инспиративно за Вас: одете во природа, спортувајте, дружете се, дотерајте се, прочитајте мотивирачка книга…), одберете Добрина (практикувајте да бидете пријатни, со длабоко чувство на почитување на сфаќањата и погледите на другите), одберете Мир, Страст, Верба дека сè е онака како што треба да биде…
Размислете, што ќе биде поразлично во Вашиот живот доколку одберете да ги живеете овие квалитети? Што сè ќе се промени во Вашиот живот? Видете се себеси во различни моменти и започнете постепено да воведувате промени во Вашето однесување.
Доколку Вашето внимание го насочите од надвор кон себе, многу брзо ќе доживеете состојба на внатрешен баланс и поврзување со мирот и тишината во Вас.
Трансформациите навидум се хаотични и тешки, но доколку ги прифатиме како нормален дел од животот ќе ни отворат многу порти и шанси кои дотогаш не биле отворени.