Да се биде во право… или не… Во право – не лево, не десно – во Право. Најголемото прашање е: во чие право – мое или нечие туѓо?
Многу маски се менуваат за да се биде во туѓото Право. Од страв за љубов, одобрување, статус, сигурност, титула…
А каде е моето Право? Кои се моите мисли, чувства, што ми кажува моето тело… или пак и тие не се мои?
Ги чувствувам сопствените емоции, наспроти мислите кои се јавуваат во мојата глава – и чувствувам што чувствувам за нешто – ги следам сензациите во моето тело и им дозволувам да ме водат, да ми кажат дали сум во моето или во некое туѓо Право.
Ги следам и сопствените мисли, но многу страв има таму, многу предрасуди, многу сомнежи, многу туѓи гласови… Сепак поавтентични ми се емоциите, моментните, овие сега што ми се јавуваат.
Она што го правам, го зборувам, го создавам е дело на моите напуштени мисли, или поточно, дело на моите пресоздадени мисли, креативни, свежи, воздигнувачки… дело на моите емотивни навигатори и црвени знаменца…
Потребата од автентичност, оригиналност, индивидуалност е појака од секоја туѓо-наша мисла и навика.
Само наслушнете – постојано си шепотите себеси!
(photo: Karolina Jakimovska)