Интересна, воедно и не-толку-едноставна тема за размислување и споделување. Кога станува збор за “времето” најчесто го немаме, или најчесто не е онакво како што посакуваме – секогаш е во расчекор со нашите потреби и очекувања. Но како и да е, времето како конвенција, како договор помеѓу нас луѓето – си постои!
Покрај она “договореното време” постои и нашата “перцепција за времето”. Убавите моменти ни се чинат како да траеле вечно, додека за некои ќе кажеме дека поминале – онака, набрзина.
Многу е важно да умееме да се справуваме со “времето конвенција”, но уште поважно е да умееме да го креираме “нашето време”, т.е. да ја обликуваме “нашата перцепција на времето” според нашите потреби.
Убаво е чувството кога се договараме со другите и кога постигнуваме да се најдеме со нив на време. Тогаш ги цениме и нашето и нивното време. Убаво е кога нашите шанси зависат од времето, а ние сме дисциплинирани и ги “ловиме”. Во сојуз сме со времето.
Но дали можеме да го креираме “нашето време”, да го продолжиме, да го скусиме, да го обоиме, да го направиме онакво какво што сакаме да биде, наше, сопствено, автентично?
Кога ќе сфатиме дека ние сме оние кои се единствено одговорни за многу нешта кои ни се случуваат во животот, ќе започнеме поинаку да гледаме и на времето.
+ Организирајќи се подобро, го организираме и нашето времe: правиме листа на дневни работи, ги издвојуваме важните од неважните нешта, кога сме со “полна пареа” ги завршуваме потешките задачи, ги распределуваме “домаќинските работи” во стилот секој-ден-по-нешто, а не во-еден-ден-сешто.
+ Одморајќи се повеќе, додаваме квалитет на нашето времe: се зафаќаме со активности кои нè инспирираат, нè исполнуваат а со тоа и нè одмораат. Активности кои ги окрепуваат нашиот дух, нашето тело, нашите емоции. Кога ќе пристапиме свесно и со цел кон “социјалните мрежи”, тогаш многу време ќе ни се даде – и тоа пред сè, продуктивно време.
+ Знаејќи како љубезно да кажеме “не”, оставаме простор и време за она на кое сакаме да му кажеме “да”: Контрапродуктивно е кога правиме работи за да се допаднеме некому и покрај тоа што не сакаме да ја правиме конкретната работа. Не си правиме добро на себе, а уште помалку правиме добро на другиот. Една голема илузија! Кога љубезно ќе застанеме зад својот став, своето однесување креираме квалитетно време за нас, а им соопштуваме и на другите да не си го губат “нивното квалитетно време” со нас. Win-win ситуација!
+ Да се разбудиме порано (со тоа што ќе си легнеме порано:)): да намалиме со телевизија/интернет, да создадеме квалитетни односи и квалитетни дружења, да ги завршиме, најпрво, работите кои секојдневно МОРА да се завршат, да не нè “завлече” интернет и она што другите го прават, да ги намалиме ангажманите кои ги правиме заради углед, амбиција, статус, а кои не ни носат мир, спокојство и баланс. Да поедноставиме, со сè – заради нас, нашето здравје, нашиот живот, нашето семејство…
{photo: buzzfeed.com}
Thank You!
Ми се допаѓаМи се допаѓа