Многу филозофии во својата основа го имаат вградено стојалиштето дека светот или реалноста самите по себе се неутрални. Она што за секого од нас претставува надворешен свет е единствено наше афирмирање на “нешто”. Многу нешта не постојат за нас само заради тоа што не мислиме на нив, не знаеме за нив. И едноставно, тие не постојат. Единствено, за нас, постои она за што имаме свест, претстава, перцепција.
Реалноста, онаква каква што ја согледуваме е наша слика, наше објаснување на нештата, гледано низ призмата на сите наши претходни искуства и доживувања.
Тргнувајќи од оваа теорема се доаѓа до леснотијата на нашето постоење: леснотијата на менувањето на нашите перцепции, ставови, мислења, а со тоа и менувањето на нашите емоции и телесни сензации.
Доколку некој наш став не носи плод онаков каков што посакуваме, да го замениме за нов и да експериментираме.
Сè е променливо – и нашите мисли и делување исто така. Кога ќе тргнеме од точката дека ние создаваме, додаваме бои, мириси, вкусови, допири на нашите ментални слики, тогаш можеме и да промениме сè она што не оди во наша корист.
Убавината, добрината, единството најпрво нека се создадат во нас – со менување на сè што е спротивно на нив, во нас. Само тогаш ќе можеме да ги видиме и во другите и насекаде околу.
~ Каролина Јакимовска