МАГИЧНА ГРАДИНА

„Очекувајте сè најдобро денес“

Сместете се удобно во лежечка или седечка положба. Затворете ги очите. Воспоставете ритам на дишење кој совршено Ви одговара. Вдишете со задоволство низ носот и издишете релаксирано низ устата. Фокусирајте се на Вашето дишење. Дишете полека и длабоко, сè додека не почувствувате опуштеност во Вашето тело.

• Замислете како стоите пред висока ограда низ која не може да се види ништо. До Вас е голема украсена порта која е заклучена. Клучот од портата е во Вашата рака. Отклучете ја портата, влезете во просторот зад портата и заклучете зад Вас.

• Сега сте среде прекрасна градина со многу цвеќиња, зелена бујна трева и извор кој тивко жубори. Топлата сончева светлина ја осветлува целата градина и Вас во неа. Пролетниот ветер нежно ги гали Вашето лице и коса, а мирисот на цвеќето се влева во Вашето тело заедно со воздухот што го дишете. Во оваа градина се чувствувате многу пријатно, згрижено и безбедно – таа е само Ваша.

• Во средината на градината, во голем круг, растат пет силни, необични и магични цветни дрвја, со мека кора, како плишана. Дрвјата се разликуваат едни од други по бојата на нивните цвеќиња: виолетова, бела, златно-жолта, црвена и розова. Тоа не се обични дрвја – тоа се лековити дрвја. Пристапете кон дрвото со виолетови цвеќиња, седнете под него и потпрете се на неговото стебло. Можете исто така да го свртите лицето кон дрвото, да го прегрнете дрвото така што Вашето тело да биде во контакт со неговата лековита кора. Бидете свесни за виолетовата енергија што циркулира во центарот на дрвото и што можете да ја почувствувате во секоја микрочестичка од кората што ја допирате. Застанете и со целото свое битие осетете ја виолетовата енергија на заздравувачкото дрво.

• Сега чувствувате како дрвото прелева виолетова енергија во Вас и силно ја повлекува од Вашето тело кон себе. На тој начин виолетовото дрво ја вади од Вашето битие секоја грижа што Ве онерасположува. Можете да видите темни дамки од негативна енергија како течат од Вас во стеблото на дрвото и како под влијание на лековитата и силна виолетова енергија се претвораат во виолетова светлина. Останете така сè додека не почувствувате задоволство и сè додека последното темно место не го напушти Вашето тело.

• Сега чувствувате дека Вашето суштество е преплавено со виолетова енергија која лекува и смирува. Чувствувате мир. Одеднаш, почувствувајте како провејува топло ветре и како многу ливчиња од виолетови цвеќиња се истураат врз Вас од круната на магичното дрво. Кадифениот дожд од пурпурни ливчиња нежно и полека се спушта врз Вашето битие и паѓа на Вашите дланки. Нежно ги стиснувате ливчињата во Вашите дланки – само за да го почувствувате нивното заздравувачко и смирувачко присуство. Ова не се обични ливчиња, тоа се нови можности и права, едноставни решенија за сè она што Ве загрижуваше пред да се сретнете со виолетовото дрво.

• Низ жуборењето на изворската вода и шумолењето на лисјата слушате три волшебни реченици: Денес, виолетовото дрво ги презема сите мои грижи. Денес, целиот Универзум работи за мое добро. Денес, очекувам сè најдобро.

• Заблагодарете му се на дрвото, кажете ѝ збогум на Вашата градина до следниот состанок и оставете ја со мир во срцето. Заклучете ја портата зад Вас.

Длабоко вдишете и издишете, повторете ја постапката неколкупати и полека отворете ги очите. Веднаш повторете ги волшебните реченици неколкупати, запаметете ги и повторувајте ги секојпат кога грижите ќе почнат да се појавуваат. Овие реченици ќе го активираат приливот на виолетова енергија што Ви ја даде виолетовото дрво.

Не заборавајте да ги притискате магичните виолетови ливчиња, тие сè уште се во Вашите дланки.

~ Маргарита Миленковиќ

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s