Се’ повеќе се зборува за јога и се’ повеќе се зборува за релаксација. Она што останува помеѓу зборовите се времето кое треба да се издвои за да се вежба оваа древна дисциплина, како и расеаноста и душевниот немир кои стануваат дел од модерното живеење.
Во забрзаното и со стрес исполнето секојдневие воопшто не лесно да се “успори” и да се направи пауза.
А јогата е тука – таа била, и ќе биде.
Секојдневниот стрес може да се манифестира на најразлични начини, како на емотивното, така и на физичкото здравје. Со практикување јога можат да се избегнат неговите негативни манифестации. Всушност, јогата го намалува притисокот кој се создава благодарение на преорганизираниот и неприроден начин на живеење.
Преку едноставните техники на дишење и концентрација умот доаѓа во една природна состојба на баланс и невознемиреност. Кога умот е флексибилен и опуштен, тогаш и телото лесно се опушта и се релаксира – и обратно – кога телото е ослободено од тензија и згрченост, тогаш и умот полесно доаѓа во состојба на смиреност.
А најубавото нешто поврзано со јога вежбите е во можноста секој да ги практикува.
Како за сите други квалитетни нешта во животот така и за јога вежбите потребни се време (издвоено време за вежбање) одреден физички напор (да се стигне до местото кадешто се вежба :)) и константност во вежбањето.
А за вежбање јога секогаш може да се најде и да се одвои време.
Јога филозофијата е многу важен, составен дел од животите на многу луѓе низ целиот свет. Нејзината моќ во подобрувањето на животот е докажувана и покажувана.
И, меѓу другото, практикувањето јога е еден од најпрекрасните начини да се стапи во контакт со позитивната животна сила која се наоѓа во секој од нас.