Седумте столбови на грижата за себе

Грижата за себе е исклучително важна, особено кога влегуваме во стресната сезона на празници. Можете да практикувате грижа за себе на многу начини: вежбајте, јадете добро, медитирајте, изберете некој вид на терапија. Секој метод на грижа за себе се вклопува во еден од седумте столбови: ментален, емоционален, физички, еколошки, духовен, рекреативен и социјален. Добро избалансирана рутина на грижа за себе ги вклучува сите претходно споменати столбови, затоа избегнувајте да се ограничувате на само еден или два столба. Седумте столбови се расчленети подолу со примери за тоа како да се практикува секој од нив.

Ментален

Менталната грижа за себе вклучува создавање здрав начин на размислување преку негување на внимателност и љубопитност. Можете да го направите сето ова преку пишување/водење на дневник, медитација, размислување “надвор од кутијата”, креирање на список на “мисли за во отпадок” на почетокот на секој ден и создавање на намерна пауза од времето поминато пред екраните (ТВ, интернет и користењето на телефон).

Емоционален

За да вежбате емоционална грижа за себе добро е да креирате здрави стратегии за справување со какви било стресни ситуации што може да се појават во Вашиот секојдневен живот. Можете да го направите тоа така што ќе го гледате омилениот филм, ќе слушате музика, ќе пишувате позитивни афирмации за себе, ќе побарате помош од другите кога ви е потребна и ќе поставувате здрави граници за да се заштитите себеси и своето срце.

Физички

Физичката грижа за себе вклучува грижа за Вашето тело преку одмор, исхрана и движење. Некои примери за физичка грижа за себе вклучуваат: конзумирање оброци во редовно време, пиење доволно вода секој ден, земање дневно мултивитамини, добар сон и вклучување во групна/индивидуална фитнес/аеробик/јога програма.

Еколошки

Грижејќи се за околината и за нашите омилени места ние практикуваме грижа за себе. Обидете се да го уредите Вашиот работен простор на начин кој во Вас ќе предизвика спокојство и мир, истражете нови места, одете на прошетки на отворено и ангажирајте ги сите Ваши сетила.

Духовен

Активностите или практиките кои му даваат смисла на Вашето постоење ви обезбедуваат духовна грижа за себе. Некои од овие активности или практики би можеле да бидат поминување време во природа, пронаоѓање на заедница на која ќе сакате да припаѓате, идентификување на вредностите кои се најважни за вас, волонтирање.

Рекреативен

Важно е да одвоите време за хоби и активности што Ве интересираат и исполнуваат. Сето тоа ќе резултира со практикување на рекреативна грижа за себе. Некои активности кои ја вклучуваат рекреативната грижа за себе се: одвојување време за хоби, одвојување време да се опуштите и да не правите ништо, да играте друштвени игри или видео игри и да ја промените Вашата дневна рутина.

Социјален

Градењето врски и воспоставувањето врски со здрави граници е најдобриот начин да се практикува социјална грижа за себе. Некои примери на социјална грижа за себе се: поврзување со пријателите, дружење со Вашите роднини, пишување писмо до пријател, разговор со група за поддршка, разговор со онлајн заедница. Кога не се чувствувате добро и сте под стрес, слушајте го Вашето тело и определете го видот на грижа за себе која што во моментот Ви е потребна.

Одвојувањето на време за Вас е клучно за одржување на целокупното здравје и благосостојба.

~ Радувај се! Lifestyle