8 совети за јога почетници

Ако сте нови во практикување на јога, прочитајте ги нашите најдобри осум совети за почетници и започнете ја Вашата пракса најдобро што можете.

1. Прифатете дека сте почетник

Ако се чувствувате фрустрирано што колковите Ви се сè уште стегнати и после неколку часови, или сè уште сте збунети околу држењето на телото и по еден месец, запомнете дека сте на почетокот на Вашата јога практика и дека за да го направите телото флексибилно потребно е време.

2. Вежбајте полека

Постојат фитнес базирани јога часови со многу брзо темпо на работа кои се одлични за негување на изоштрен ум и чувство на моќ, но тие исто така може да доведат до повреда доколку не сте добро запознаени со јога позите и транзициите. Бидете трпеливи во првите неколку недели од вежбањето и изберете часови што се малку побавни за да можете да се запознаете со сите движења.

3. Дишете

Можеби ќе Ви изгледа невообичаено но додека вежбате можете да заборавите да дишете – сите ние го правиме тоа. Доколку се најдете во предизвикувачка асана или посебно тешко балансирачко држење, потсетете се да дишете! Кога дишеме рамномерно и опуштено испраќаме порака до телото и мозокот дека сè е во ред. Сето тоа помага да се намали нивото на стрес и да се зголеми чувството на благосостојба. Ако не се потсетувате да дишете, сигурно Вашиот учител по јога ќе го направи тоа! 🙂

4. Имајте соодветна јога подлога (јога мат)

Зборувајќи за движењата на матот, овој практичен совет може да Ве спаси од лизгање и паѓање: набавете јога мат што не се лизга во делот на рацете и нозете, воздржете се од нанесување крема за раце пред часовите и одлучете се за подлога што не е премногу тенка и мека. Ќе се чувствувате многу посигурно и концентрирано за време на вежбањето јога!

5. Ослободете се од очекувањата

Ослободување од очекувањата е лекција во јога која ја повторуваме постојано. Кога се фокусираме само на исходот од некоја ситуација си ја ускратуваме можноста навистина да бидеме целосно присутни во самиот момент. Резултатот, исходот или постигнувањето во која било практика не е нешто над кое имаме контрола – затоа опуштете се да бидете „добри“ во јога и фокусирајте се на моментот.

6. Заборавете на јога фотографиите, фокусирајте се на себе

Лесно е да потпаднете под влијание на идејата дека ќе треба да бидете во идеална физичка форма за да почнете со вежбање јога или дека ќе треба да изведувате акробатски вежби за време на часовите по јога – особено кога на социјалните мрежи има многу фотографии со позиции во кои телото е слично на перек. Сепак, секој е различен, и секој доаѓа на јога од различна причина. Не постои пристапот „една големина одговара на сите“ кога станува збор за практикување јога. Заборавете на сликите или перцепциите за јога што можеби сте ги виделе претходно; Вашата практика на јога е само Ваша.

7. Запомнете: најчесто, како правите една работа е како правите сè

Ова е суптилен, но фасцинантен дел од јога и може да помогне да се развие свесноста за поврзаноста на телото и умот. Ако ги згрчувате рамениците на часовите по јога, веројатно тоа го правите и во секојдневниот живот. Ако го задржувате здивот или ги стискате забите додека вежбате, веројатно тоа го правите и во секојдневниот живот. Сите овие мали дејства испраќаат стресни пораки до телото и мозокот – затоа имајте ги во предвид и проверете дали можете да поработите на нив и на матот, но и во Вашето секојдневие.

8. Понесете ги со себе придобивките од практикување јога во Вашето секојдневие

Практикувањето на јога не е нешто што можеме да го правиме само на јога матот – тоа е процес кој се пренесува и во нашето секојдневие. Внимателноста, работата со здивот, самодовербата, силата, ослободувањето од очекувањата, фокусот и присуството што ги градиме на секој час по јога може да се пренесат и во секојдневниот живот – што значи дека добиваме корист од јога праксата во текот на целиот ден и ги пренесуваме тие придобивки на сите со кои комуницираме исто така!

~ Радувај се! Lifestyle