Маунa (Mauna) е санскритски збор што најчесто се преведува како свето молчење, тишина или намерно воздржување од зборување.
Во јогиската и медитативната практика, мауна не значи само „да не зборуваш“, туку свесно да се повлечеш од непотребното зборување за да можеш подобро да го слушнеш сопствениот внатрешен свет.
Како се практикува мауна?
Може да започнеш многу едноставно – не мора веднаш да правиш цел ден тишина.
1. Одреди период. На пример, 30 минути, 1 час или 2 – 3 часа. За почеток, еден час е сосема доволно.
2. Во тој период не зборуваш. Но, идејата е и да ги намалиш пишувањето на пораки, телефонските разговори, користењето на социјалните мрежи, непотребното читање и надворешни стимули.
3. Не се обидуваш да ги запреш мислите. Ова е многу важно. Можеш да мислиш, да чувствуваш, да забележуваш. Само, не мораш веднаш да реагираш на секоја мисла или чувство.
4. Набљудувај. Можеш да седиш, да одиш бавно, да пиеш чај, да бидеш во природа или едноставно да ги извршуваш секојдневните обврски во тишина. Кога ќе почувствуваш потреба нешто да кажеш, запрашај се: „Дали навистина треба да го кажам ова?“ И само забележи што се случува во тебе.
Пример за едноставно практикување на мауна:
Можеш да направиш „Мауна утро“ во времетраење од 60 минути:
5 минути – седење и дишење;
15 минути – нежна јога пракса;
15 минути – тивка прошетка;
15 минути – чај/кафе без телефон, само присуство;
10 минути – запишување во дневник: Што слушам кога нема потреба да зборувам? Што се појавува во мене? Што сакам да кажам, а што можам едноставно да го пуштам? Каде во животот давам повеќе зборови, објаснувања или енергија отколку што е потребно?
И тука има една прекрасна разлика: Мауна не е казна, ниту бегство од луѓето.Таа е простор во кој престануваш постојано да се објаснуваш и да се прилагодуваш, таа е простор кој ти помага да се свртиш и кон себе – и да го осознаеш својот внатрешен свет.
~ Радувај се! Lifestyle